Црква Успение Богородично
Црквата Успение Богородично во с. Матејче се наоѓа на падините на Скопска Црна Гора, западно од истоименото село. Претставува велелепна петокуполна градба, изградена ок.1345 г под ктиторство на царицата Елена, жена на царот Душан.
Историски факти
Веројатно нејзината изградба имала мавзолејна функција, како вечно почивалиште на ктиторката. Повеќе остатоци, концентрирани во североисточниот дел на денешната црква, сугерираат дека на ова место веројатно постоел постар храм , со помали димензии. Според големината, оваа црква е на второ место во Македонија, веднаш после катедралата Св. Софија во Охрид.
Таа претставува најголема црква од типот на впишан крст со правоаголник на Балканот, која што на почетокот на 20тиот век била во очајна состоба, срушена скоро до половина. Големите коНзерваторски зафати во неколку наврати успеале да спасат најголем дел од преостанатото сликарство, кое веројатно било завршено во периодот 1348-1352, нарачано од царицата Елена, а изведено од сликарското ателје на еден од најдобрите сликари од тоа време, мајсторот Јован Теоријан. Во црквата се наоѓаат скоро сите комплексни циклуси и теми кои биле оформени како целини во сликаните ансамбли до средината на 14ти век, меѓу кои се наоѓаат и ретките композиции – царските претстави од ктиторската композиција, циклусот на Страдањата апостолски, Лозата Есеева, Лозата на Немањиќите, Молитвата на проскомидијата, Визијата на св. Петар Александриски, Циклусот на Успението на Богородица, Акатистот на Богородица, Циклусот на св. Јован Крстител, Екуменските собори, Авгаровиот циклус и др.